Цените на нафтата достигнаа највисоки нивоа во последните пет месеци

На светските берзи минатата седмица цените на нафтата скокнаа за повеќе од 4 отсто, достигнувајќи највисоки нивоа во последните пет месеци, што е најмногу последица на зголемените тензии на Блискиот исток.

На лондонскиот пазар цената на барелот минатата седмица скокна за 4,2 отсто, на 91,17 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 4,5 отсто, на 86,91 долар. Главно поради геополитичките тензии на Блискиот исток, од почетокот на годината цената на нафтата на лондонскиот пазар е зголемена за повеќе од 18 отсто, а на американскиот пазар за околу 21 отсто.

Скокот на цената на нафтата на највисоките нивоа во последните пет месеци е најмногу резултат на зголемените тензии на Блискиот исток.Иран се закани дека ќе одговори на воздушниот напад на Израел врз иранскиот конзулат во Дамаск, главниот град на Сирија, во кој загинаа неколку високи воени претставници. Израел не ја презеде одговорноста за нападот на конзулатот, но привремено затвори 28 амбасади ширум светот од безбедносни причини.

„Пазарот знае дека Иран најверојатно ќе одговори, но не ги знае деталите и тоа создава многу вознемиреност и нервоза“, вели Бјарне Шилдроп од SEB.

Трговците се загрижени и за нападите на украинските беспилотни летала врз рафинериите во Русија, кои, според пресметките на Reuters, можеби блокирале околу 15 отсто од рускиот капацитет за преработка на нафта. Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) и сојузниците на картелот, вклучително и Русија, на минатонеделниот состанок ја потврдија одлуката за ограничување на производството, барајќи од поединечните земји строго да се придржуваат до доделените квоти.

„Построго следење на усогласеноста со квотите треба да резултира со дополнителни намалувања на производството во вториот квартал“, напишаа аналитичарите на ANZ во белешката до клиентите.

Проценките за послаба понуда се совпаднаа со знаците за забрзување на економскиот раст во САД, што може дополнително да ја зајакне побарувачката. Аналитичарите на „JPMorgan“ пресметаа дека светската побарувачка за нафта се зголемила солидно во првиот квартал, за 1,4 милиони барели дневно.

Related posts

СИЛЕН ЗЕМЈОТРЕС ВО СРБИЈА Нема информации за повредени и за материјална штета

Кој директор на државна фирма потроши 35 милиони евра за само два месеца?!

Компанијата „Еуромакс Ресоурсес“ со последно предупредување пред да ја тужи државата за рудникот „Иловица – Штука“