Охрид, – Пред нас уште еден продолжен викенд, а петок, 23 октомври, е неработен ден за сите граѓани на Република Македонија по повод Денот на македонската револуционерна борба.
Туристички Охрид очекува солидна исполнетост и овој викенд. Според метеоролозите, се очекува сончево време со умерена облачност и услови за слаб дожд во недела. Температурите полека се намалуваат, но сепак, бројни гости и понатаму уживаат во убавините на Охрид, најголемиот туристички центар кај нас. Голем дел од нив ги посетуваат најпопуларните локации во градот под Самуиловата тврдина, уживаат во добра храна или кафе во објектите на брегот, а бројни се и оние кои уживаат и со популарните прошетки со бродовите, кои нудат поглед кон древниот град од еден поинаков агол.
Според последните, официјални податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) на Република Македонија, во текот на јули оваа година, туристички Охрид го посетиле вкупно 82.500 гости, од кои 47.737 биле домашни, а 34.763 странски. Вкупниот број на ноќевања изнесува 372.816. Во однос на структурата на странските туристи, најмногубројни биле Турците – 12.541, по кои следуваат гостите од Србија – 3.919, Холандија – 2.428, Полска – 1.945, Германија – 1.394, Бугарија – 1.136…
Споредено со истиот месец претходната година забележлив е раст во бројот на домашни и странски туристи.
На ниво на државата, Република Македонија во јули годинава ја посетиле вкупно 223.711 туристи, од кои 96.293 биле домашни, а 127.418 странски. Остварени се вкупно 795.083 ноќевања.
Вкупниот број на туристи во периодот јануари-јули 2026 година, во однос на истиот период лани е зголемен 1,5 %, кај домашните туристи има зголемување за 1,8 %, а кај странските има зголемување за 1,3 %. Вкупниот број на ноќевањата во анализираниот период е зголемен за 0,5 % така што кај домашните туристи има намалување за 1,0 %, а кај странските има зголемување 2,0 %. (Крај)