ПЛАТАТА МИ ТРАЕ ДО 15-ТИ ВО МЕСЕЦОТ“: Грција денес парализирана од генералниот штрајк во преку 60 градови
Во Грција од утринава фериботските линии до островите, како и утринските и вечерните линии на метрото, беа запрени, а летовите на некои регионални аеродроми беа суспендирани, откако поморците, како и работниците во транспортот и телекомуникациите, се приклучија на штрајкот организиран најголемиот синдикат во јавниот сектор во Грција, ADEDY. Во повеќе од 60 градови низ земјата се одржуваат собири, меѓу кои во Пиреја, Солун, Патра, Ираклион, Хања, Јанина, Лариса, Волос и Каламата.
Во Грција од утринава фериботските линии до островите, како и утринските и вечерните линии на метрото, беа запрени, а летовите на некои регионални аеродроми беа суспендирани, откако поморците, како и работниците во транспортот и телекомуникациите, се приклучија на штрајкот организиран најголемиот синдикат во јавниот сектор во Грција, ADEDY.
Во повеќе од 60 градови низ земјата се одржуваат собири, меѓу кои во Пиреја, Солун, Патра, Ираклион, Хања, Јанина, Лариса, Волос и Каламата.
Штрајкот влијае и врз јавниот превоз, траектните линии, некои домашни летови, училиштата, јавните болници и државните служби.
Главната цел е враќање на годишните бонуси кои беа укинати за време на грчката должничка криза, како и зголемување на буџетските средства за здравството и образованието.
Штрајкот во среда влијае и врз јавниот превоз, траектните линии, некои домашни летови, училиштата, јавните болници и државните служби.
Главната цел е враќање на годишните бонуси кои беа укинати за време на грчката должничка криза, како и зголемување на буџетските средства за здравството и образованието.
Растот на трошоците за живот и платите што едвај ги покриваат основните потреби се меѓу главните причини за незадоволство што ги обединуваат демонстрантите од различни професии и сфери на општествениот живот. „Трошоците за живот вртоглаво пораснаа, платата ми се троши до 15-ти во месецот, а потоа е многу тешко да се преживее без да побараме пари од родителите“, изјави за грчки медиуми еден од помладите учесници на протестот.
Синдикатите бараат значително зголемување на платите, намалување на ДДВ за основните производи, како и ограничување на цените на електричната енергија и горивата. Вработените во јавниот сектор, исто така, бараат повторно воведување на 13-тата и 14-тата плата – дополнителните годишни исплати што претходно ги добиваа државните службеници. Генералната конфедерација на грчки работници (GSEE), која ги застапува вработените во приватниот сектор, гласаше против учество во штрајкот во среда, иако неколку синдикати од приватниот сектор учествуваат самостојно.
Наставниците бараат повеќе работни места на неопределено време, поголеми финансиски средства за училиштата, прекин на практиката на спојување на паралелките, како и мерки за надоместување на изгубените наставни часови. Тие планираат повторно да излезат на улиците на 3 декември, по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост.
Демонстрантите почнаа да се собираат нешто пред 11:00 часот во центарот на Атина; групи се собраа кај Пропилеите и на плоштадот Клавтмонос, како и во близина на плоштадот Омонија. Веќе се воведени сообраќајни ограничувања на улиците „Стадиу“ и „Панепистимиу“, а пријавени се и доцнења во сообраќајот на неколку главни сообраќајници во центарот на градот.
ПОВИСОКИ ПЛАТИ И ВРАЌАЊЕ НА БОНУСИТЕ
Оваа акција во Грција, трета по ред во последните неколку недели, се совпаѓа со растечкиот бран протести предводени од млади луѓе низ Европа, кои реагираат на лошата состојба на училишните објекти, зголемените трошоци за домување и падот на животниот стандард.
„Се бориме за значително зголемување на платите, со што би се надоместила загубата на нашата куповна моќ“, се наведува во соопштението на ADEDY. „Нема да прифатиме компромис со растечките цени, замрзнатите плати, енергетската сиромаштија и катастрофалната состојба во јавното здравство и образованието.“
Грција, една од најзадолжените земји во еврозоната, забележа силно закрепнување по финансискиот колапс во изминатата деценија – период во кој економското производство се намали, а платите беа драстично скратени во замена за пакети за финансиска помош во вредност од околу 280 милијарди евра (306,49 милијарди долари).
Иако во последните години платите пораснаа, а даноците беа намалени, многу домаќинства се соочуваат со тешкотии поради наглото зголемување на кириите и трошоците за живот. Оваа ситуација дополнително се влоши поради повисоките цени на храната и енергенсите, што е последица на војните во Украина и на Блискиот Исток.
Владата на десниот центар, предводена од Киријакос Мицотакис – кој беше реизбран во 2023 година, а напролет го очекуваат парламентарни избори – најави даночни олеснувања и субвенции во вредност од околу 2,2 милијарди евра за оваа година, со цел да им се помогне на граѓаните со ниски примања и на пензионерите. Тој вети божиќен бонус од 500 евра за околу 700.000 вработени во јавниот сектор (почнувајќи од декември 2027 година), како и просечна месечна плата од 1.800 евра до 2030 година во сите сектори, што е зголемување во однос на сегашниот просек од околу 1.400 евра.