Иран нема да го отвори Ормус сè додека САД не ги исполнат неговите услови
Иран инсистира САД да исполнат 7 услови утврдени во привремениот договор постигнат во јуни. Според Техеран, ова е предуслов за повторно отворање на Ормускиот Проток и за продолжување на преговорите. Резаи наведе дека Иран побарал јасен и недвосмислен одговор од САД во врска со овие услови, но сè уште нема добиено таков. Додаде дека верува оти Вашингтон можеби ќе даде одговор во иднина.
Привремениот договор меѓу САД и Иран, потпишан на 17 јуни, брзо пропадна поради несогласувања околу Ормускиот Проток. На 7 јули Трамп објави дека договорот е прекинат, додека една недела подоцна Иран соопшти дека го суспендирал договорот.
Меѓу барањата на Иран се укинување на американската поморска блокада, отстранување на санкциите врз иранската нафта, одмрзнување на иранските средства и прекин на воените операции. На почетокот на ноември, Иран изјави дека би можел да го отвори Ормускиот Проток во рок од два дена, доколку Вашингтон ги прифати неговите услови.
Минатата недела, Катар изнесе нов предлог според кој САД би ја укинале поморската блокада и би одмрзнале дел од иранските средства. За возврат, Иран би им овозможил на меѓународните нуклеарни инспектори пристап до бомбардираните постројки и би го отворил Ормускиот Проток.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера се сретна со катарските посредници. По состанокот, тој ја минимизираше веројатноста за избувнување голема војна во блиска иднина, но потврди дека сè уште не го прифаќа тековниот план на Иран за примирје.