пред 4 ч.
Засилен инспекциски надзор во градинките, тестирање за голема кашлица на ниво на државата, како и препорака за водење на дигитална евиенција во вакциналните пунктови, се дел од новите мерки коишто ги препорача Комисијата за заразни болести, која што што денеска ја разгледуваше состојбата со пертусис. Најголем број заболени има во Скопје, каде беше прогласена епидемија, но болеста е детектирана и во неколку други градови.
Според портпаролот на комисијата, д-р Злате Мехмедовиќ, досега се регистрирани 123 случаи на голема кашлица во земјата, од кои 109 се во Скопје.
„Спорадично се појавува по еден случај во Тетово, Дебар и во Струмица и сѐ уште не можеме да кажеме дека епидемијата се разгорува на национално ниво, што е добро“, вели Мехмедовиќ.
Апел за вакцинација
Надлежните велат дека вакциналните пунктови работат во две смени и вакцинацијата засега се одвива добро. Од 18 јануари до 29 февруари аплицирани се 22.395 дози вакцини. Од 15 март се очекуваат и вакцини против пертусис за возрасни.
Лекарите апелираат да се вакцинираат возрасните лица кои имаат во семејството дете до една година, здравствените работници и трудниците.
Комисијата за заразни болести предлага тестирање за голема кашлица низ целата држава, а Државниот санитарен и здравствен инспекторат се бара да го засили инспекцискиот надзор на територијата на Град Скопје да се добие пореална слика дали се почитува препораката да не се примаат невакцинирани деца во градинките. Исто така, се предлага и дигитална евиденција за вакцинација за да се има подобар преглед на податоците за децата кои се вакцинираат.
Станува збор за заразна болест, која се пренесува преку бактеријата бордетела пертусис (Bordetella pertussis). Тоа е инфекција преку капки. Патогените се пренесуваат од едно на друго лице на растојание до еден метар при кашлање, кивање или дури и зборување.
Првиот случај беше пријавен на 5 јануари. Откако четиригодишно дете беше хоспитализирано на детската клиника во Скопје, Комисијата за заразни болести на средината на јануари прогласи епидемија во главниот град. И покрај препораките за вакцинирање на најмладите и за засилени контроли со цел невакцинирани деца да не се згрижуваат во градинките, бројката на заболени и понатаму расте.