извор:Алфа тв
Додека сировините во регионот и во Европа поевтинуваат, основните артикли во Македонија поскапуваат.
Или производителите или трговците, или и едните и другите, дополнително заработуваат на грбот на граѓаните зашто ова нема никаква логика.
Иако пазарот очигледно не функционира како што би требало, од Антимонополската комисија велат дека не можеле ништо да направат, немало индиции за тајно договарање цени меѓу маркетите.
- „Постојат голем број на синџири на маркети кои се во меѓусебна конкуренција и од кои ниту еден нема пазарен удел поголем од 40%“ – Стои во соопштението од комисијата за заштита на конкуренцијата.
Оттаму велат дека нема индиции за картелско здружување на трговците односно заедничко договорање.
Вицепремиерот Фатмир Битиќи, пак, вели дека ќе видел како ќе се движат цените деновиве и ако имало потреба од понделник лично тој ќе поднесел претставка до Антимоноплската комисија.
- „Сакаме да видиме дали има индиции за договорено зголемување на цени. Ако има зголемување само во одреден маркет, тоа може да е од икс причини, односно може да биде местото на добавувачите или од каде што го земаат, да имаат повисоки цени, но ако се случи кај сите истовремено за ист производ, тогаш може да има индиции за договорено зголемување на цени“ – изјави вицепремиерот Фатмир Битиќи.
Комисијата би требало да добие повеќе надлежности откако ќе биде усвоен законот за нефер трговски практики кој веќе го мина првиот филтер во Собранието.
Со ова решение околу 2.500 производи, најголем дел земјоделски и прехранбени, ќе бидат под посебен режим и Антимоноплската комисија ќе има ингеренции да го проверува начинот на кој се утврдуваат цените.
Во меѓувреме храната и основните артикли веројатно ќе продолжат да поскапуваат, затоа што откако беше укината мерката „гарантирана цена“, веќе порансаа 10-на проценти.
Од Сојузот на синдикати како во минатото, така и сега, повикуваат да се врати оваа мерка, за да се заштити стандардот на граѓаните.
- „Со донесената одлука за укинување на мерката за замрзнати цени, куповната моќ на граѓаните нема да се зголеми. Напротив, ќе се намали, како што беше пример и во минатото, кога трговците алчно профитираа од народот со своеволно енормно зголемување на цените“ – Истакна Светлана Димоски од Сојузот на синдикати на Македонија.
Од синдикатот потсетуваат и дека никогаш не се консултирани од власта, кога станува збор за спроведување мерки кои се однесуваат на куповната моќ и стандардот на граѓаните.
Минамалната потрошувачка кошничка која ја пресметува ССМ за јануари изенсуваше над 57 илјади денари и за една година поскапела за дури 6.300 денари или нешто над сто евра. За да се задоволат основните потреби на едно четири члено семејство се потребни речиси три минимални плати