На пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“, на 24/7/2020 година, на црвено светло, возејќи со голема брзина (според сведок), и со возило со поголема моќност од дозволената, на што, како почетник немал право, младиот речиси убиец, Малик Хасановиќ, удри две деца коишто поминуваа на зелен семафор. Ги удри и избега! Во без свест, децата ги остави да лежат на асфалтот! Едното со потешки повреди, другото со полесни, беа пренесени во болница.
Обвинетиот беше суден за кривично дело Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и кривично дело Не укажување на помош на лице повредено во сообраќајна незгода. Поточно, бегање по стореното речиси убиство на две деца од 13 и 12 години. Судијата на Основниот кривичен суд Скопје, Даниела Димовска, на обвинетиот му пресуди година и еден месец затвор што, во никој случај, не беше престрого.
Според правната квалификација, и местото каде се случил настанот, не треба да си ниту правник ниту многу бистар за да сфатиш дека навистина се работи за тешко кривично дело.
Тоа, очигледно, не им било јасно само на членовите на Советот на скопска Апелација, во состав Татјана Дуковска, претседател, Ѓоко Ристов и Тања Милева, членови. По одржана јавна седница, на ден 27/12/2024, во присуство на обвинетиот и неговиот адвокат, а во отсуство на јавен обвинител и на оштетените, Советот ја промени пресудата на Основниот кривичен суд Скопје во условна, што практично значи ослободителна!
Како е можно, и од кои причини, скопска Апелација решаваше по жалба за случајот ама без оштетените? Законска е обврската тие да се поканат. Во дадениот случај, игнорирањето на оштетените од страна на Апелација, може да има само скриени причини коишто, по логиката на нештата, можат да бидат само од сферата на корупцијата. Каква и да е таа. Ништо друго. Тоа овозможило, на пример, адвокатот на обвинетиот, Звонко Давидовиќ, и да лаже.
Дека сето ова не е некаква и нечија фантазмагорија, зборува и фактот дека Апелација не ја оспори квалификацијата на делото, не оспори ништо од пресудата на Основниот кривичен суд Скопје. Значи, без да наведе никаква издржана причина за тоа, освен дека, речиси убиецот, бил млад и убав човек, донесе ослободителна пресуда. Таков е барем впечатокот, кога се чита пресудата. Апелација, на пример, никаде не спомнува дека, речиси убиецот, кривичното дело го направил на пешачки премин, дека поминувал на црвено светло со голема брзина, и дека удрил деца. Со тоа, нели, нивната ослободителна пресуда би била – бесмислена.
И, не заборавајте, ова се случува кога во Македонија масовно се гине по улиците и патиштата. Во ЕУ, на 100 илјади жители, годишно има 4,6 жртви во сообраќајот додека кај нас таа цифра е 7,1, или за 55 проценти повисока.
Слободно можеме да заклучиме дека горе спомнатата тројка на скопска Апелација, и сите нивни колеги, коишто се однесуваат на ист, а тоа значи крајно неодговорен начин кон речиси убијците на нашите улици и патишта, имаат и своја директна лична и службена одговорност за колежот којшто ни се случува во сообраќајот. Некои од нив можеби и не се свесни за својата улога, ама (добар!?) дел од нив секако имаат и недозволена финансиска или професионална корист. Затоа им е рејтингот кај народот речиси – нула. А народот, никогаш не греши.
Размислувајќи логично и одговорно, децата и да не биле воопшто повредени, доволен е фактот што, речиси убиецот, на пешачки, минувајќи на црвено светло, со голема брзина, и со возило коешто не смеел да го вози како почетник, некого удрил и – избегал! Таква постапка не може во никој случај, барем за правници што одговорно си ја вршат работата, да биде за условна казна, та да е таа и доживотна.