Сопругата на Доналд Трамп отсекогаш важела за дама чијшто моден избор заслужува аплауз.
За време на престојот во Белата куќа, Меланија Трамп стана позната по своите елегантни и софистицирани модни изданија. Како поранешен модел, Меланија отсекогаш привлекувала внимание со својот моден избор, а како прва дама на Соединетите Американски Држави, нејзиниот стил беше уште повеќе во фокусот на јавноста.
Нејзиниот совршен син фустан во комбинација со долгите ракавици во истата боја на инаугурацијата на нејзиниот сопруг во јануари 2017 година, ќе се памети уште долго.
Меланија својот европски шарм и софистицираност ги донесе во Белата куќа.
Изборот на нејзината гардероба беше внимателно следен, а многу нејзини модни изданија беа копирани.
За време на мандатот на нејзиниот сопруг, Меланија носеше креации на бројни светски модни брендови, од „D&G“ до „Шанел“, но исто така поддржуваше и помалку познати дизајнери. Често се зборуваше дека по Џеки Кенеди, сопругата на Доналд Трамп е најдобро облечена прва дама на САД, но имаше и такви кои изјавија дека убавата Меланија сепак ја надминала Џеки Кенеди во тој сегмент.
Меланија вешто си поигрува со стиловите и неофицијално е позната како икона на софистицираниот стил. Покрај фустаните од сите должини, таа носи панталони и здолништа, а модниот додаток од кој ретко се откажува е ременот. Предност дава на широките ремени кои ја истакнуваат нејзината беспрекорно витка линија.
Исто така, треба да се спомене и нејзината љубов кон капутите, особено оние во светли бои. Чевлите со високи потпетици речиси секогаш се дел од нејзиниот моден избор, иако убавата Словенка остава впечаток и кога ќе се појави во опуштена облека во неформални ситуации, на пример, патики во комбинација со фармерки и карирана кошула.
Поранешната прва дама води сметка и кога е во прашање изборот на фустани. Секој модел што го носи зрачи со елеганција и таа му дава свој личен печат. Нејзиниот изглед во гламурозниот црвен фустан „Живанши“, што го носеше на средбата со членовите на кралското семејство, ќе се памети уште долго. Во таа прилика, нејзиниот сопруг, исто како и кралот Чарлс Трети, носеше смокинг, додека сопругата на кралот Камила беше облечена во свечен бел фустан.
Дека Меланија не бега од црвената боја, доказ е и црвениот фустан до над колена со интересни ракави. Тешко е да се одлучи која од овие две креации подобро ѝ прилега.
Иако Меланија Трамп ја напушти Белата куќа, нејзиното влијание како модна икона сè уште трае. Нејзиниот софистициран и храбар моден стил го одбележа нејзиниот престој во Белата куќа и влијаеше врз идните генерации жени кои ја ценат елеганцијата и оставаат свој личен печат на сè што носат.