Претседателка на Здружението на лекари специјализанти доктор Александра Георгиева, соопшти дека на денешната средба во Министерството за здравство им било кажано дека веќе од наредниот месец ќе биде коригирана платата на приватните специјализанти.
„Бевме примени од страна на советници на министерот, тој присуствувал на друг настан во соработка со СЗО. Еден од советниците беше правен советник и ја извлековме одлуката, врз која всушност се исплаќаат надоместоците за приватните специјализанти од 2018 гоодина. И во неа, како одлука на Влада, децидно стои дека платата на приватните специјализанти треба да е во висина на плата на општ доктор за дадена година. Ни беше ветено дека МЗ ќе прати информација до Владата и до ФЗО, да постапуваат согласно веќе донесените одлуки и веќе од наредниот месец, да биде коригирана платата на приватните специјализанти – да биде на ниво на просечна плата на општ доктор“, појасни таа.
Износот на просечна плата на општ доктор како што посочи Георгеива е околу 44.000 денари.Таа добила ветување дека здравственото осигурување веднаш ќе биде воспоставено.
„Околу трансформација на договор на дело – во договор на неопределено, добивме информација дека всушност 1.117 согласности пристигнале од Владата во месец февруари, но, не биле реализирани поради оној мораториум што го налага изборниот период и фактот, дека не можат да бидат отворени конкурси за вработување. Беше дадено ветување за масовни конкурси отворени во јавно здравствените установи по завршувањето на изборниот циклус, а ние дадовме забелешка, баравме да има измена на законот во критериуми за вработување – да биде дадена предност на колегите на специјализација, бидејќи сега таков критериум не постои, да бидат акумулирани сите активни доктори, а потоа нормално сите колеги кои се општи доктори“, подвлече таа.
Околу 400 приватни специјализанти кои работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ денеска одржаа протест пред Министерството за здравство. Нивната состојба е незавидна. Земаат 26 илјади денари хонорар, немаат здравствено осигурување и се лекуваат приватно, иако самите се дел од државниот здравствен систем и лекуваат пациенти. Дополнително, посочија дека проблемот не е во тоа што нема едуциран и квалификуван кадар во државата, туку е во тоа што тој кадар нема партиски врски неопходни за вработување.