Коалициските партнери во владата со различни ставови за резолуцијата за геноцидот во Сребреница и Отворен Балкан.
Шефот на дипломатијата и кандидат на ДУИ за Претседател Бујар Османи вели дека како министер има право да одлучи за поддршка на резолуции и токму затоа му дал инструкции на амбасадорот во Обединетите Нации да гласа за резолуцијата. Реакциите од Србија смета дека не се основани и повика на помирување на балканот. Вицепремиерот Бојан Маричиќ пак, вели дека Македонија уште во 2010 година го осудила геноцидот во Сребреница. Вината според него треба да биде индивидуална, а не колективна.
-Одлуката, ко-спонзонирањето е одлука на министер за надворешни работи и како министер сум дал инструкции до нашиот амбасадор во ООН да биде ко-спонзор и да ја поддржи резолуцијата. / Навистина не очекував, дури сум малку и шокиран од реакциите на дел од граѓаните кои мислам дека се поттикнати од одредени политички партии. Не смееме да реагираме на тема геноцид во Сребреница, бидејќи ова прашање влегува во делот на негирањето на геноцидот што е забрането. Јас ги донесувам тие одлуки, јас на дневна одлука носам одлуки за прифаќање или одбивање на резолуции. – Бујар Османи – Министер за надворешни работи
-Ставот на Македонија е многу јасен и утврден со декларација на собранието уште на почетокот на 2010 година, тогаш едногласно нашето собрание ја поддржало резолуцијата на ЕП за Сребреница каде таа е осудена како геноцид. / Меѓутоа треба да разграничиме две работи, едно е тоа во Сребреница, но таа дамка не може да се фрли врз целиот српски народ или Србија./Одговорноста кон Сребреница треба да се индивидуализира и затоа постојат меѓшународни судови и трибунали таа треба да биде со име и рпезиме за да во никој случај не биде доведена со цел народ или цела држава. – Бојан Маричиќ – Вицепремиер за евроинтеграции
Покрај за Сребреница, Османи и Маричиќ и со различни гледишта за членството на земјава во Отворен Балкан. Иако најави дека ќе бара од Владата да го разгледа учеството на Македонија во иницијативата, сепак Османи не го покренал до сега прашањето, но тврди дека ргументите ќе ги презентира на затворена седница. Маричиќ пак со став дека сите иницијативи од кои македонските граѓани имаат бенефит, мора да продолжат. Членството во Отворен Балкан, смета дека не треба да се политизира.
-Кога се случи нападот во Бањска во Косово јас имав една изјава и реков ако има директна вмешаност на Србија во Бањска, тогаш треба да се преиспита учеството во Отворен Балкан. Бидејќи имам повеќе информации сега, што се случило во Бањска, планирам на затворена седница, да ја информирам Владата, а таа да одлучи како понатаму. – Бујар Османи – Министер за надворешни работи
-Ние инсистиравме да остане таа иницијатива отворена и таа остана отворена и се додека имаше и има поддршка од нашите стратешки партнери, треба во неа да партиципираме и да се фокусираме на конкретните придобивки без големи политички теми. Затоа што тие крупни политички теми блокираа други регионални процси и не донесоа ништо добро. Берлинскиот процес, Отворен Балкан и сите тие иницијативи ги гледаме како позитивни и треба од нив да извлечеме максимум наместо да ги доведуваме во политички контекст. – Бојан Маричиќ – Вицепремиер за евроинтеграции
Иницијативата за Отворен Балкан инаку е во застој од декември минатата година откако албанскиот премиер Еди Рама порача дек регионот сега треба да се фокусира на Берлинскиот процес. Вечерва пак, во седиштето на ООН треба да се одржат неформалните консултации за нацрт резолуцијата со која се предлага „Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница, а гласањето за резолуцијата е предвидено да се одржи на пленарна седница на 2 мај.