Според премиерот, компанијата „ДМ бау интернационал“ е во сопственост на наш сограѓанин, со потекло од Македонија, кој живее и работи во Швајцарија, а своите инвестициските планови одлучил да ги реализира во државата
Договор за нова инвестиција од најмалку седум милиони евра, со најмалку 200 работни места во државата, е потпишан денеска меѓу Владата и швајцарската компанија „ДМ бау интернационал“, производител на модуларни објекти со преку 100 години историја. Ова денеска го соопшти премиерот Христијан Мицкоски посочувајќи дека инвестицискиот план вклучува вложувања во купување земјиште, целосна изградба на погоните и нивно опремување со машини и опрема за производство на модуларни објекти со различна намена.
„Покрај производството на ваквите објекти, компанијата се јавува и како нејзин изведувач. Со годишен обрт од околу 10 милиони швајцарски франци, над 70 вработени, и 30-ина проекти годишно, ‘ДМ бау‘ се вбројува меѓу најголемите европски производители во овој сегмент“,
рече тој.
Моменталното производи на компанијата, како што рече Мицкоски, се одвива на две локации во Швајцарија, а плановите за интернационализација и зголемување на капацитетите „ДМ бау“ одлучи да ги реализира преку Македонија, во индустриска зона близу Куманово.
„‘ДМ бау‘ ќе изгради голем комплекс, составен од повеќе објекти наменети за производство, монтажа и складирање, со вкупна површина од 35 илјади квадратни метри под покрив. Оваа година компанијата купи земјиште со големина од околу 72 илјади метри квадратни. Моментално таму се изведуваат првични земјени работи за нивелирање на земјиштето, по што следната 2025 година ќе отпочне изградбата на нивните производни погони“,
кажа премиерот.
Посочи дека компанијата „ДМ бау интернационал“ е во сопственост на наш сограѓанин, со потекло од Македонија, кој живее и работи во Швајцарија, а своите инвестициските планови одлучил да ги реализира во државата.
Менаџерскиот тим од компанијата рече дека „ДМ бау“ е швајцарска компанија што се фокусира на префабрикувани дрвени конструкции и очекуваат во наредниот период да создадат нови работни места, нови можности во регионот, но и да додадат вредност во образованието и едуцирање за префабрикувани конструкции.