Стратегијата „Македонија 2030“ најавува долгорочен модел на управување, модерни институции, економска трансформација и јасни позиции во надворешната политика.
Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ го промовира „Ново поглавје – Стратегија Македонија 2030“, документ кој според партијата треба да отвори деценија на стабилност, економски развој и модернизација на државата. Стратегијата, усвоена на 18-иот конгрес, содржи шест стожери преку кои партијата најавува дека Македонија до 2030 ќе стане „стабилна, силна и институционално зрела држава“.
Од партијата велат дека новиот документ ја поставува рамката за долгорочно управување и напуштање на „импровизациите“ во политичкиот систем.
„Ова е стратегија што ја гледа Македонија во иднината, а не од денес до утре. Со неа градиме држава која не реагира во криза – туку планира и води“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата најавува силен фокус на државната безбедност. Според документот, Македонија ќе треба да изгради модерна армија, национален систем за сајбер-заштита и подготвеност за справување со хибридни закани.
„Безбедноста е темел на секоја стабилна држава. Македонија мора да биде заштитена и од физички закани, и од дигитални“, велат од партијата.
Втор стожер е економската конкурентност, префрлање од модел на евтина работна сила кон економија заснована на технологија, иновации и знаење. Стратегијата предвидува поддршка за домашните компании, стабилен даночен систем и зелена енергетска транзиција.
Правната држава е третата точка: независно судство, департизирана администрација и системска борба против корупцијата, особено преку дигитализација.
Документот воведува и демографски политики, поддршка за младите, станбени програми, поврат на дијаспората и подобра грижа за постарите лица.
Во делот за надворешна политика, стратегијата поставува рамка на „партнерства со јасни црвени линии“.
„Нашата позиција е јасна: да за Европа, но без условувања кои задираат во идентитетот“, нагласуваат од партијата.
Шестиот стожер – образование, култура и идентитет, предвидува инвестиции во модерни наставни програми, дигитални кампуси, поддршка за науката и заштита на македонскиот јазик и културно наследство.
Стратегијата, според партијата, е „нова страница во развојот на државата“.
„Македонија знае, може и мора многу повеќе. Ова е државничка визија за силна и европска Македонија“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

