Home МАКЕДОНИЈА Од прослави за знамето до тензии и обвинувања за дестабилизација

Од прослави за знамето до тензии и обвинувања за дестабилизација

Од прослави за знамето до тензии и обвинувања за дестабилизација

by 88nil
Знаме на Република Северна Македонија
Знаме на Република Северна Македонија

Прославите за албанското знаме низ Северна Македонија предизвикаа инциденти и сквернавење на македонското знаме, што доведе до политички тензии и апсења. Премиерот и шефот на полицијата инцидентите ги оценија како дел од сценаријата за дестабилизација. Политичките партии, излегоа со осуда, но и со обвинувања. Владејачките ја обвинуваат опозицијата за подгревање тензии, а опозицијата за несоодветен одговор на полицијата.

Свирежи од возила кои се движат во колони, веење на албанското знаме, музика, блокирање раскрсници, скандирања, звуци на рафали од огнено оружје…

Ваква беше сликата во делови од Скопје вечерта на 28 ноември, кога граѓани на Северна Македонија го одбележуваа Денот на албанското знаме. Прослави имаше и во други градови каде живеат поголем број граѓани од албанска националност.

На одбележувањето на денот на албанското, имаше сквернавење на македонското знаме што предизвика стравувања за подгревање на меѓуетничките тензии во државата.

Во бројните видеа кои се споделуваат на социјалните мрежи, може да се забележи како лица го симнуваат државното знаме, го кинат и шутираат со нозе. Инцидентот за кој се тврди дека се случил во Скопје, во близина на Бит пазар, предизвика лавина реакции од граѓани, како и осуда од сите политички актери, а доведе и до апсење на, засега, најмалку осум лица.

Премиерот Христијан Мицкоски и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски синоќешните настани ги посочија како обиди за дестабилизација, нешто за што, велат, предупредувале досега.

Сквернавењето на знамето премиерот го нарече „чин на агресија, додека Тошковски оцени дека ваквите настани биле насочени против достоинството на македонскиот граѓанин и ги оцени како „директен напад на македонската држава“.

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски

Власта очекува нови инциденти, ја информирала и меѓународната заедница

Коментирајќи ги синоќешните настани, премиерот на новинарите им порача дека „ако мислите дека ова ќе биде изолиран случај, нема да биде“. Тој алудираше и на политичка заднина.

„Очекувајте дека ќе има и во иднина бидејќи како што правдата полека, но сигурно се доближува до криминалците така тие ќе стануваат понервозни и понетрпеливи и единствениот начин да го одбранат криминално стекнатиот капитал е токму вака со манипулирање и предизвикување на ваков тип инциденти“, рече Мицкоски.

Премиерот апелираше граѓаните да бидат трезвени и да не подлегнуваат на негативни чувства предизвикани од ваква „мала изолирана и манипулирана група“. За случувањата, како што тврди, тие ја предупредиле и меѓународната заедница.

„Уште утрово со министерот за надворешни работи ги информиравме за случувањата и доказите нашите стратешки партнери во земјата и надвор за тоа што се случуваше, со какви информации располагаме и што е она што очекуваме да се случува во периодот што следи“, рече Мицкоски.

Министерот Тошковски, пак, рече дополнително ќе се утврду кои се индициите за ваквите инциденти и зошто токму сега се случуваат. На прашањето дали има информации дали лицата биле инструирани од некого, тој одговори дека во овој момент „не сака да навлегува во детали“.

„Сакам да порачам до сите оние кои се на ум да предизвикаат какво било сценарио за дестабилизација, жестоко и сурово ќе одговориме на какви било обиди“, рече Тошковски.

Додека од една страна на адреса на МВР се упатуваат критики за ненавремена реакција, меѓу кои и од опозициската СДСМ, министерот е убеден дека полицијата одговорила „професионално и соодветно“.

 

Протести во Скопје за отфралње на францускиот предлог, инциденти кај споменикот Скендербег

Млади луѓе учесници во инцидентите и палењето на знамето

Засега, како што соопшти министерот Тошковски, уапсени се осум лица од кои четири МВР ги гони за кривично дело предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост. За ова дело предвидена е казна од најмалку една година затвор. Осомничените се млади лица на возраст од 18 до 21 година, а има и еден малолетник.

„Еден од овие луѓе е фатен како се обидува да запали знаме, друг како го симнува знамето“, рече Тошковски додавајќи дека во расчистување на овој инцидент им помогнале токму снимките од социјалните мрежи.

Останатите четворица, пак, кои биле приведени во текот на изминатата ноќ, според информациите од полицијата, се за учество во тепачка. Тошковски најави дека ќе има и други апсења и повика граѓаните да помогнат со доставување видеа, фотографии, изјави итн.

Тошковски најави нови приведувања и идентификување на други лица кои биле инволвирани во инцидентите. Како што рече, соработуваат со јавното обвинителството, а оние што досега се приведени ќе добијат кривични пријави и ќе бидат изведени пред судија.

Од Обвинителството, претходно соопштија дека надлежен јавен обвинител е известен и постапува во случаите со инцидентите и најавија детали за подоцна во текот на денот.

СДСМ: Каде беа Мицкоски и Тошковски?

Речиси сите политичките партии, и помали и поголеми, го осудија сквернавењето на државното знаме на Северна Македонија. Во зависност дали се од власта или опозицијата, упатија и критики кон спротивната страна.

Најголемата опозициска партија, СДСМ, реагираше и за сквернавењето на знамето, но и за нарушувањето на јавниот ред и мир и употребата на огнено оружје за време на прославата. Според социјалдемократите, ваквите настани директно ги загрозуваат и меѓуетничките односи и достоинството на Македонците. Од партијата упатија и критики кон власта прашувајќи зошто полицијата немала „брза и одлучна интервенција“.

„Каде беа вчеравечер премиерот Христијан Мицкоски и министерот Панче Тошковски, да се обратат со државнички пораки за смирување на состојбите? Наместо тоа, нивната тишина само ги продлабочи тензиите и создаде чувство дека институциите се парализирани. Наместо лидерство и одговорност, сведочиме на отсуство на реакција од ВМРО-ДПМНЕ, која целосно ја занемари својата должност кон граѓаните“, велат од СДСМ.

Реакции и осуди испратија и други опозициски партии, како ЛДП и Левица.

You may also like

Leave a Comment

Are you sure want to unlock this post?
Unlock left : 0
Are you sure want to cancel subscription?
-
00:00
00:00
Update Required Flash plugin
-
00:00
00:00