Груби: Од медиумите дознав за одлуката на Стејт депарментот, одлуката ме засега директно и лично
Поранешниот вицепремиер Артан Груби вечерва преку објава на социјалните мрежи вели дека од медиумите дознал за денешната одлука на Стејт департментот кој го стави на црната листа на САД.
– Како човек кој мојот јавен живот го посветив на заштита на западните демократски вредности и кој секогаш работев напорно за членството на земјата во НАТО и во Европската Унија, оваа одлука ме засега директно и лично. Ќе се ангажирам со сета своја посветеност и максимално, заедно со нашите пријатели и партнери, со кои ја споделувавме визијата и работевме низ годините за интеграција на земјата во евроатлантските структури, целосно да го обелиме ова прашање. Транспарентноста и посветеноста на демократските вредности и понатаму ќе бидат главен столб на секое мое дејствување, напиша Груби.
Стејт департментот денеска соопшти дека воведува санкции против поранешниот заменик-претседател на Владата на Северна Македонија, Артан Груби и судијата на Апелацискиот суд Енвер Беџети поради нивна вмешаност во значителна корупција. Според соопштението, Груби и Беџети примале мито со цел да ги поткопаат судските процеси поврзани со кривичната осуда на Сашо Мијалков, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК).
Од ВМРО-ДПМНЕ оценија дека со ставањето на Груби на црната листа на САД, заедно со судијата Енвер Беџети, се докажало партизирањето на државата од страна на ДУИ.
– Енвер Беџети, судијата кој го држеше случајот за Мијалков во фиока, ја докажува партизираноста на судството. Судиите поддржани од Артан Груби и ДУИ, полека завршуваат на црната листа на САД, заедно со членови од ДУИ, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Одлуката на Стејт департментот за ставање на нови лица од државава на црната листа ја поздрави и опозициската СДСМ. Од СДСМ посочуваат дека ја сметаат за исклучително значајна поддршката на стратешките партнери на Северна Македонија во борбата против корупцијата и криминалот.
– Сите сомнежи за корупција мора да бидат истражени и санкционирани без компромис од страна на правосудните органи во Северна Македонија. Го охрабруваме целиот правосуден систем во државата да работи посветено и без двоумење на расчистување со сите форми на криминал и корупција, со цел да обезбеди праведност и еднаквост за сите граѓани. СДСМ останува доследна во својата заложба за изградба на праведно општество, во кое владеењето на правото и отчетноста ќе бидат темелите на нашата иднина, се вели во соопштението.
И од Алијансата за Албанците ја поздравија последната одлука на САД.
– Борбата против корупцијата означува важен чекор во градењето на владеењето на правото и нашата иднина. Ги повикуваме апострофираните, да се повлечат од институционалниот и политичкиот живот, да се соочат со обвиненијата како слободни граѓани. Индивидуалната одговорност е камен-темелник на една модерна, непристрасна и демократска држава, се вели во соопштението од АА.