Голем пожар кај Лос Анџелес: Евекуирани десетици илјади луѓе
пред 24 минути
Повторно избувна пожар во предградие на Лос Анџелес. Густи облаци чад се издигнуваат над калифорниската метропола. Пожарот брзо се шири, а според противпожарната служба веќе се зафатени повеќе од 500 хектари. Наредена е евакуација на 30.000 жители. Најмалку 13.000 згради се загрозени од шумскиот пожар. Пожарот избувна доцна утрото во населбата Пасифик Палисејдс, каде живеат околу 25.000 жители. Округот се граничи со планините Санта Моника во северозападниот дел на Лос Анџелес.
Нема загинати или повредени
Исплашените жители на населбата ги оставија своите автомобили на еден од ретките патишта кои водат и излегуваат од погодената населба и пеш избегаа од пламените јазици. И покрај хаотичната евакуација, нема загинати или повредени, изјави шефицата на противпожарната служба во Лос Анџелес, Кристин Кроули. Стотици пожарникари го гаснеа шумскиот пожар во областа од земја и од воздух. Според официјалните извештаи, неколку куќи веќе се уништени во пламенот. „Сè уште не сме надвор од опасност“, изјави началникот на противпожарната служба на округот Лос Анџелес, Ентони Мароне.
Бајден информиран за состојбата
Пожарот беше поттикнат од силните ветрови: топлите ветрови наречени Санта Ана, типични за зима во Калифорнија, го погодија регионот и, според прогнозите, може да прерасне во најлошата бура во последната деценија. Според податоците на американската метеоролошка служба, се очекува засилување на на ветровите и до брзина од 160 километри на час.
За пожарот бил информиран претседателот на САД, Џо Бајден, соопшти Белата куќа. Тимот на Бајден е во контакт со локалните власти за да понуди федерална помош.