Home БИТОЛА Инспекцијата засилено да трага по невакцинирани против голема кашлица во градинките, препорача Комисијата за заразни болести

Инспекцијата засилено да трага по невакцинирани против голема кашлица во градинките, препорача Комисијата за заразни болести

Инспекцијата засилено да трага по невакцинирани против голема кашлица во градинките, препорача Комисијата за заразни болести

by 88nil

На 15 март се очекува да пристигнат првите вакцини против голема кашлица за возрасни во земјава, информираше портпаролот на Комисијата за заразни болести, доктор Злате Мехмедовиќ. Тие нема да бидат наменети за сите возрасни граѓани, туку само за оние коишто имаат контакт со деца под две години кои се најранливи да заболат од голема кашлица со тешки последици.

– Треба да се вакцинираат возрасните што живеат со деца под посебен ризик да заболат од пертусис со тешка клиничка форма. Тоа се оние кои живеат со деца под две години, вработените кои се во контакт со децата на оваа возраст, како и бремените жени во третиот семестар од бременоста – рече доктор Мехмедовиќ.

Образложението за тоа зошто треба да се вакцинираат бремените жени во третиот семестар од бременоста е дека на таков начин се подготвува детето кога ќе се роди да има одреден имунитет против пертусис во првите два месеци од животот, додека да ја прими првата вакцина.

Во земјава досега се регистрирани 123 заболени лица со голема кашлица од кои 109 случаи се во Скопје. Комисијата за заразни болести препорача да се засили инспекцискиот надзор на Државниот здравствен и санитарен инспекторат во Скопје со цел да се види вистинската состојба во градинките и да се добие пореална слика дали доследно се почитува препораката невакцинирани и нецелосно вакцинирани деца да не ги посетуваат градинките.

Контролите од Државниот здравствен и санитарен инспекторат биле правени и досега, но Комисијата препорачува тој инспекциски надзор да се засили и да се детектираат сите случаи на невакцинирани деца кои посетуваат градинки.

– Ако констатираат дека во градинката има невакцинирано или нецелосно вакцинирано дете со ди-те-пер вакцината, тогаш тоа од наредниот ден нема да има можност да ја посетува градинката, пред сѐ за заштита на нивното здравје, а потоа и на здравјето на останатите – рече Мехмедовиќ.

Комисијата препорачува да се овозможи ПЦР тестирање за голема кашлица на територијата на целата држава, а не само во Скопје и тоа да се прави во регионалните Центри за јавно здравје. Исто така, се препорачува дигиталната евиденција што се води за децата на вакциналните пунктови да биде задолжителна, за да се има подобар преглед на податоците на децата кои се вакцинираат.

– Уште не можеме да кажеме дека состојбата се разгорува на национално ниво, што е добро. Најголем број од случаите се во Скопје, но спорадично имаме по еден случај во Тетово, Дебар и Струмица. Од 18 јануари до 29 февруари, по препорака на Комисијата за заразни болести, а со наредба на Министерството за здравство вакциналните пунктови во Скопје работат во две смени и аплицирани се 22.395 дози вакцини. Заклучокот е дека вакцинацијата се одвива добро и дека ќе продолжи со истото темпо. Вакциналните пунктови ќе им бидат достапни на граѓаните и во иднина – додаде доктор Мехмедовиќ.

Директорот на Клиниката за инфективни болести доктор Фадил Цана, истакна дека неодамна на Клиниката имало случај на возрасен пациент кој самоволно се тестирал во Институтот за јавно здравје поради кашлица која не била упорна, а резултатот за пертусис бил позитивен, иако пациентот нема никаква друга клиничка слика.

– Возрасните луѓе не се ризични и не треба да се загрижиме. Целата иницијатива на Комисијата за заразни болести е да се заштити од пертусис најранливата група, а тоа се децата под 2 години. На Инфективна клиника од јануари до денес сме имале вкупно 12 потврдени случаи. Последниот случај е суспектен и немаме потврден резултат за него – истакна доктор Цана.

Од Комисијата за заразни болести апелираат да се зголеми свеста на родителите и да ги вакцинираат децата со сите вакцини според задолжителниот календар за имунизација.

– Во Албанија има зголемен број на случаи на морбили и тоа е сериозна закана и за Македонија заради недоволната вакцинација со прва и втора доза од МРП вакцината. Уште еднаш јавно апелираме родителите да направат ажурирање на целата вакцинација од задолжителниот календар за имунизација. Нема потреба да се одложи ниедна вакцина ако се следи редовниот календар за имунизација – апелираше доктор Мехмедовиќ.

Големата кашлица е предизвикана од бактеријата „бордатела пертусис“ и е многу заразна респираторна болест позната по силните напади на кашлање. По овие напади, болните често мора да земат длабок здив. Инфекцијата се шири низ респираторниот тракт кога заразеното лице кашла или кива. Луѓето во близина можат да ги вдишат овие капки и да се заразат. Големата кашлица ги погодува сите возрасти, но кај возрасните обично е поблага и се опишува како 100-дневна кашлица што може да се лекува. Но, кај децата тоа може да доведе до компликации како воспаление на белите дробови, отежнато дишење и напади.

You may also like

Leave a Comment

Are you sure want to unlock this post?
Unlock left : 0
Are you sure want to cancel subscription?
-
00:00
00:00
Update Required Flash plugin
-
00:00
00:00