Нов договор од фантастични 7,6 милиони евра, склучи РЕК Битола за Реконструкција на цевен систем за прегревач за секундарна пара КПП-1(за Блок 1) и КПП-2 (за Блок 3) во РЕК Битола. Според Бирото за јавни набавки, тендерот го добил извесно Друштво за производство, трговија и услуги „ЕЛ ТЕ ИНЖИНЕРИНГ Горан“ и др. ДОО експорт- импорт Скопје и станува збор за два договори, едниот во висина од 187.620.000 денари, а другиот од 281.548.000 денари, без ДДВ.

Од РЕК Битола објаснуваат дека јавната набавка всушност била во три дела, но за третиот дел постапката била поништена. Времетраењето на овој договор е една година. А како што може да се види од објавениот документ единствен понудувач на предметните услуги била само сега веќе избраната фирма. Од друга страна, овој Договор до Бирото за јавни набавки бил доставен на 12 март, значи два дена по хаваријата на цевките во Блокот 3, кој беше единствен во функција и со што РЕК Битола целосно колабираше. Ова е уште еден доказ дека нужно потребните и навремени длабоки ремонти на Постројката, а на што долго предупредуваат и експертите, во РЕК Битола не се прават, туку се прави само „крпи-подзакрпи“.

„Тоа се сериозни проблеми кои што не се решаваат преку ден. Ова на времето беше незамисливо дека може РЕК Битола да се донесе да не работи ниеден блок. Тоа најодговорно ви го тврдам, не се случило никојпат. Секое исклучување на РЕК Битола, значи увоз на електрична енергија и покачување на цената. Не е тоа така едноставно како што некој сака да го прикаже“, – вели м-р Спиро Мавровски, поранешен директор на РЕК Битола.

За мега-криминалите во работењето на РЕК Битола, подолго време предупредува и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Според нив, РЕК Битола бил „златна кокошка“ за извесна битолска фирма „Марковски“ на која за само две години и’ биле префрлени дури 200 милиони евра од џебот на македонските граѓани. Пред само еден месец пак, Мицкоски обвини и за, како што го нарече, „епски“ криминал на власта во бегање, а поврзан со два тендери за набавка и увоз на јаглен , и ископ на јаглен и јаловина за потребите на РЕК Битола, во вкупна вредност од над 140 милиони евра.

Пред крајот на минатата година пак, АД ЕСМ распиша и оглас за 500 нови вработувања, дел од нив и за во РЕК Битола. Платите кои се нудеа беа од 30.000 до 60.000 денари, во зависност од работната позиција.