Случајот со Алта банка Битола ја претвори надзорната расправа на собраниската Комисија за финансирање и буџет во жесток политички дуел меѓу власта и опозицијата, при што во центарот на дискусијата се најдоа прашањата за сопственичката структура на банката, потеклото на капиталот и одговорноста за нејзината актуелна состојба.

Премиерот Христијан Мицкоски, како прв поканет сведок пред собраниската Комисија за финансирање и буџет, обелодени дека уште во времето на владата предводена од Димитар Ковачевски, Министерството за финансии побарало Државното правобранителство да одобри влегување во деловни односи со Алта банка Белград. Според него, тоа било нотирано во стенограмите од владината седница од 24 октомври 2023 година.

Мицкоски отвори прашање дали тогашната влада знаела кој е Давор Мацура, какви биле намерите во однос на акциите што државните претпријатија ги поседувале во Стопанска банка Битола и дали биле проверени околностите поврзани со капиталот на српската Алта банка.

Тој појасни дека Алта банка Белград претходно ги откупила акциите од приватни акционери и стекнала мнозинска сопственост во битолската банка, по што Министерството за финансии испратило допис до управните одбори на јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост, барајќи да се изјаснат за акциите што ги поседуваат.

Премиерот нагласи дека при секоја банкарска аквизиција постои практика за информирање на претседателот на Владата преку Народната банка, додавајќи дека и во овој случај институциите постапувале согласно своите надлежности.

– Тоа е практика, а не стихија. Ќе најдам решение за овој проблем, како што сум правел и кога сум бил во опозиција – порача Мицкоски.

Тој уверуваше дека банката е ликвидна, дека се работи на заштита на интересите на клиентите и дека ќе се најде решение и за вработените. Притоа направи споредба со пропаѓањето на Еуростандард банка, обвинувајќи ја тогашната министерка за финансии дека ги повлекла парите од банката непосредно пред прогласувањето стечај. Според него, Еуростандард е пример за исцрпување на ликвидноста преку ненаплатливи кредити.

Мицкоски најави дека ќе стори сè за Алта банка Битола да добие нов сопственик, додавајќи дека опозицијата ќе биде разочарана кога тоа ќе се случи. На ваквите тврдења веднаш реагираше лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој оцени дека премиерот се обидува да ја префрли одговорноста за актуелната состојба и да ја замени суштината на проблемот со политички спинови.

Филипче повтори дека СДСМ предупредувал за ризиците поврзани со Алта банка уште пред една година, посочувајќи дека Дамир Мацура, кој го поврза со раководството на банката, бил осомничен во Србија за перење пари и извлекување 400 илјади евра, а дека во Црна Гора му бил забранет влез. Тој предупреди дека ваквите случувања можат да ја нарушат довербата на граѓаните во банкарскиот систем и праша кој ќе ја преземе одговорноста за граѓаните кои чекаат да располагаат со своите средства, но и какви последици ќе има актуелниот случај врз довербата во финансискиот сектор.
Мицкоски возврати дека претходната влада уште во 2023 година била запознаена со Алта банка, посочувајќи и на нејзините деловни активности во регионот. Тој ги повика СДСМ да не ја одолговлекува постапката за изнаоѓање нов сопственик и повтори дека банкарскиот систем во државата е стабилен и сигурен.

Политичките обвинувања продолжија и со настапот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски, кој оцени дека СДСМ води кампања со цел банката да заврши во стечај, по што би следеле протести и незадоволство кај граѓаните. Тој праша дали високи функционери на СДСМ имаат лични заштеди во банката. Мицкоски одговори дека истрагата за евентуална одговорност треба да ја спроведат надлежните институции, вклучително и Јавното обвинителство, додавајќи дека истрагата може да го опфати и него.

Своја забелешка имаше и пратеникот на Левица, Борислав Крмов, кој побара одговор дали премиерот ќе понесе политичка одговорност доколку Алта банка Битола заврши во стечај. Тој отвори и прашање дали Народната банка има добиено соодветна согласност од Агенцијата за осигурување на депозити на Србија за продажба на акциите, имајќи ја предвид сопственичката поврзаност со српската Алта банка. Мицкоски возврати со забелешка дека слушнал оти Левица претходно барала кредит од банката за купување деловен простор во Битола, но не го добила. Премиерот повторно порача дека на криминалот и криминалците мора да им се стави крај.

Во расправата се вклучи и пратеникот Аднан Азизи, кој забележа дека во салата нема присутни пратеници од ДУИ. Тој ја отвори темата за наводните врски на блиски членови на семејството на Али Ахмети со Алта банка Србија, поставувајќи прашања за големите кредити и можните финансиски текови поврзани со банката.

По политичкиот дел од расправата, како втор поканет сведок беше сослушан гувернерот на Народната банка, Трајко Славески. Тој даде институционален осврт за влезот на Алта банка Србија во македонскиот банкарски систем, посочувајќи дека документацијата што била побарана и доставена не укажувала на постоење пречки за давање согласност. Славески појасни и дека назначувањето администратори во Алта банка Битола не значи дека банката е несолидна, додавајќи дека активно се работи на пронаоѓање нов сопственик.

Сепак, пратениците побараа дополнителни објаснувања за проверките што биле направени пред одобрувањето на сопственичката промена. Меѓу прашањата беа дали било утврдено кој е вистинскиот сопственик на Алта банка Србија, дали постојат докази за легалното потекло на средствата со кои биле купени акциите и дали Народната банка имала сознанија за евентуални трансфери на средства од Алта банка Битола кон Србија и Русија.

Пратеникот на ЗНАМ, Павле Арсовски, побара информации дали во изминатиот период биле регистрирани неправилности или обиди за заобиколување на финансиските контроли преку вакви трансакции.

Наместо да следат одговори од гувернерот на поставените прашања, расправата беше прекината со барање за пауза од пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, кој најави дека партијата ќе достави докази за тоа што било разгледувано и одлучувано на посочената владина седница од 24 октомври 2023 година.