Новинската агенција Шехаб објави дека тројца синови на лидерот на Хамас, Исмаил Ханија и тројца негови внуци биле убиени во израелски воздушен напад во Газа.
Смртоносниот напад се случи во бегалскиот камп Шати, северозападно од градот Газа.
Зборувајќи за Ал Џезира, Ханија открива дека неговите синови Хазем, Амир и Мохамад биле убиени. Тој додаде дека во израелскиот напад биле убиени и неколку негови внуци.
– Со крвта на мачениците и болката на повредените создаваме надеж, ја создаваме иднината, создаваме независност и слобода за нашиот народ и за нашата нација – порача Имаил Ханија.
Лидерот на палестинската милитатна организација рече дека Израел во газа спроведува етничко чистење и геноцид.
– Нема сомнеж дека овој злосторнички непријател е воден од духот на одмаздата и духот на убиство и крвопролевање и дека не почитува никакви стандарди или закони. Видовме се на теренот, во Газа. Се води војна за етничко чистење и геноцид. Се случува масовно раселување – рече Ханија, додавајќи дека 60 членови на неговото семејство биле убиени од почетокот на војната.
Ханија изјави за Ал Џезира дека неговите деца биле во посета на роднините за Бајрам во бегалскиот камп Шати во северниот дел на Газа кога биле погодени.
– Крвта на моите синови не ми е подрага од крвта на нашиот народ – додаде лидерот на Хамас, кој живее во Катар.
Канцеларијата за медиуми во Газа соопшти дека децата и внуците на Ханија биле убиени од израелски воени авиони кои гаѓале „цивилно возило“ на првиот ден од големиот муслимански празник Бајрам.
„Американската администрација, меѓународната заедница и израелската окупација ги сметаме одговорни за овие масакри и злосторства кои сè уште се случуваат во овој тековен геноцид. Силно ги осудуваме тековните напади на Израел врз нашиот палестински народ“ – соопшти канцеларијата, додавајќи дека најмалку 125 тела на убиени Палестинци пристигнале во различни болници само во последните 24 часа.
Милитантната група вчера објави дека го проучува израелскиот предлог за прекин на огнот, но дека тоа не задоволува ниту едно од барањата на Палестинците.
Хамас бара прекин на воените операции на Израел, целосно повлекување на неговата војска од енклавата и враќање на бегалците. Ханија стана лидер на Хамас во 2017 година, а оттогаш живее на релација меѓу Турција и катарската престолнина Доха.