Таравари ги потврди информациите во јавноста дека директорот на Клиниката за кардиохирургија, д-р Марјан Шокаровски викендов од страна на заменик-министерката за здравство е вратен на директорското место на Клиниката за кардиохирургија и вели дека одлуката е исправна
Новиот министер за здравство Арбен Таравари, два часа откако ја презема функцијата од заменик-министерката Маја Манолева, најави дека од денеска ќе почне да ги разрешува економските директори на клиниките. Како што кажа Таравари, за два месецa сите ќе бидат разрешени и повеќе нема да постои функцијата економски директор односно на клиниките ќе има само еден директор.
„В.д. економски директори се 14, веќе дадов наредба во Министерството, јас ќе одам до Штип, да ја видиме болницата таму, се враќам да ги потпишам. Денеска се разрешуваат одреден број економски директоири на коишто им завршува в.д. мандатот некаде до средина на јули. Сите ќе бидат разрешени. Тие што се со мандат, ќе ми треба измени во законот и веќе е дадена нардба што побргу да оди во Парламент измената на законот, да нема повеќе економски директори. Сметајте, за мецес-два веќе ќе нема економски директори ниту со закон“,
рече Таравари кој по преземањето на Здравство беше во посета на хируршките сали на Kлиниката за ТОАРИЛУЦ.
Што се однесува до оние економски директори што имаат мандат до август или септември, Таравари рече дека во наредните денови ќе види како ќе се постапува бидејќи, како што рече, не сака да ризикува тужби за Министерството.
Прашан дали на оние клиники каде сега нема медицински директор прво ќе бидат назначени за да има кој да раководи со нив, а потоа ќе се разрешуваат економските, Таравари рече дека нема да се дозволи да остане празен простор.
„Овие денови ќе назначиме медицински директори на оние клиники каде нема“,
рече Таравари додавајќи дека тоа ќе се однесува и на Клиниката за токсикологија.
Таравари ги потврди информациите во јавноста дека директорот на Клиниката за кардиохирургија, д-р Марјан Шокаровски викендов од страна на заменик-министерката за здравство е вратен на директорското место на Клиниката за кардиохирургија.
„Точно е, ми кажа заменик-министерката и јас мислам дека правилно постапила според тоа што укажале од ДКСК. Нормално, го вратила стариот директор и мислам дека е во ред одлуката. Во периодот понатаму ќе видиме можеби ќе назначиме нови директори насекаде“,
рече Таравари.
На прашањето до каде е спојувањето на Клинички центар и кога може да се очекува, Таравари рече дека што поскоро се направи тоа, толку е подобро.
„Не треба да се брза. Јас мислам дека за максимум една година ќе бидат споени. Ни требаат нови систематизации за да не настане хаос, не би сакал да има повторно дисфункционалност, да биде се синхронизирано и ќе се обидам што поскоро да го направиме спојувањето на Клиничкиот центар“,
рече Таравари.
Таравари на трибина на коалицијата „Вреди“, пред изборот на новата Влада, најави дека како министер за здравство штом ја презеде функцијата, ќе се заложи за разрешување на економските директори на клиниките, за кои рече близу 90 отсто се в.д. директори, а за останатите кои се со решенија ќе поднесат Предлог-измени на законот за веќе да не постојат економски директори.