Home КУЛТУРА Министерството за култура и туризам работи на формирање совет на креативни индустрии

Министерството за култура и туризам работи на формирање совет на креативни индустрии

Министерството за култура и туризам работи на формирање совет на креативни индустрии

by 88nil

Министерството за култура и туризам е во фаза на формирање на совет за креативни индустрии, составен од стручни лица, кои ќе изработат национална стратегија за развој на креативните индустрии со акциски план, најави денеска министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.

Тој посочи дека се преземаат и подготвителни активности за изработка на ново мапирање на креативните индустрии во државата, по што, како што рече, за многу брзо време ќе се објави и конкурс за финансирање на проекти од оваа област.

Љутков денеска на настанот „Форум Скопје – Секторски консултации“, што се одржа во Скопје, во организација на Министерството за култура и туризам, Британскиот Совет и Унијата на македонските професионални асоцијации во креативни индустрии – УМПАКИ, посочи дека креативните индустрии се важни и продуктивни за иднината на земјата.

„ Министерството за култура и туризам се вклучува во овие процеси и е многу важно да имаме добар почеток. Пред да бидам министер за култура, зборував колку овие индустрии се важни за иднината на земјата. Можеби ќе почнеме малку поскромно, но се надевам дека ќе покажеме во иднина колку се важни и колку се продуктивни и колку ќе можат да придонесат за економскиот раст на државата“, рече Љутков.

Како што рече, овој настан е во функција на поддршка на креативните индустрии во нашата држава.

„ Воедно сакам да го изразам и моето задоволство што денешниот форум е во реализација на Британскиот совет, Министерството за култура и туризам, во соработка со Јавна соба и е активност која произлегува од неодамна потпишаниот меморандум за разбирање со Британскиот совет, со кој се обврзуваме за спроведување на проекти и активности за  поддршка за развојот на креативната економија во државата. Затоа, врвни менаџери во креативната економија во нашата земја, во културниот менаџмент од Британија преку форум од Скопје заедно со македонските професионалци ќе бидат заеднички вклучени во детектирање на клучни точки, од кои ќе почне здраво да се гради големата слика во креативниот сектор“, додаде Љутков.

Според Љутков, креативните индустрии во последните години на глобални рамки се покажаа како исклучително продуктивна и профитабилна област, која нуди широк простор за презентирање на вештината, имагинацијата, талентот на креативците и соодветно валоризирање на пазарот.

„ Министерството за култура и туризам, во рамки на преземените активности е во фаза на формирање на Совет за креативни индустрии, составен од стручни лица, кои ќе ја изработат Националната стратегија за развој на креативните индустрии со акциски план, а се преземаат и подготвителни активности за изработка на ново мапирање на креативните индустрии во државата, по што ќе го објавиме и Конкурсот за финансирање на проекти од оваа област, се надевам за многу брзо“, рече Љутков.

Заменик амбасадорот во амбасадата на Обединетото Кралство, Даниел Филер, во своето обраќање денеска на настанот рече дека креативните индустрии се двигател на економскиот раст, и се меѓу главните приоритети на британската Влада.

Како што рече, креативната индустрија во Обединетото Кралство придонела со 124 милијарди фунти бруто додадена вредност во економијата во 2022 година.

„ Креативните индустрии се моќна алатка за развој на идентитетите и наративите на еден регион и на една цела земја. Тие имаат голем општествен импакт и прават места да бидат интересни за посетители, за туристите.  Македонија е земја на креативни луѓе. Вие имате богата култура, која е признаена во светот. Уметници како што се браќата Стефановски и Милчо Манчевски се оние кои го градат идентитетот на оваа земја“, рече Филер.

Тој смета дека ваквите иницијативи ќе овозможат размена на идеи и искуства, со цел поголема поддршка на креативните индустрии.

„Се надевам дека ќе се продлабочат културните и економските врски меѓу Обединетото Кралство и Македонија. Ви благодарам за вашата работа, за вашата визија, за вашите идеи“, рече заменик амбасадорот.

 

 

You may also like

Leave a Comment

Are you sure want to unlock this post?
Unlock left : 0
Are you sure want to cancel subscription?
-
00:00
00:00
Update Required Flash plugin
-
00:00
00:00