Јавното претпријатие „Стрежево“ во Битола одбележа 46 години од денот на основањето со порака дека продолжуваат со основната мисија на претпријатието – претворање на водата во енергија.
Како што истакна Вера Бешлиевска, директорка на ЈП „Стрежево“ – Битола, одржливо управување со природните ресурси и заштитата на природната средина се врвен приоритет на претпријатието. Таа посочи дека дел од нивните стратешки заложби се рехабилитација на постојниот главен доводен канал.
-Исправени сме пред два клучни предизвици, првиот е неопходната потреба од капитални инвестиции за обновување и рехабилитација на целокупниот хидросистем, а вториот предизвик ни го наметна соочувањето со смена на генерации за што неопходно е подмладување, обновување на стручниот кадар. Нашите стратешки заложби се насочени кон капитални инвестициски проекти кои ќе ги реализираме во периодов што претстои, рече Бешлиевска.
Дел од проектите на кои ќе работат, како што посочи, се рехабилитација на постојниот главен доводен канал, нов цевковод за водоснабдување на РЕК Битола и регионалниот водоснабдителен систем за општините Битола, Могила и Новаци, за кој имаат изготвен проект, потоа софтвер и опрема за динамичка регулација на системот SCADA, заштитен систем од отпадни води на акумулацијата Стрежево и рехабилитација на цевководи од детална цевководна мрежа.
На свеченоста во Битола, директорката Бешлиевска посочи дека за реализација на проектите очекува помош од Владата, ЕУ донатори и искористување на можностите од инвестициски фондови.