Кои се првите симптоми на морбили и какви компликации може да настанат?
Морбилите се многу заразно заболување кое во некои случаи може да предизвика и сериозни компликации. Малите деца и бремените жени се изложени на најголем ризик од компликации, а најсигурната заштита е вакцинацијата.
Министерството за здравство извести дека во Македонија се регистрирани пет лабораториски потврдени случаи на мали сипаници.
Како што велат од министерството, Институтот за јавно здравје проценил дека ризикот од нови случаи е зголемен, но и дека засега нема пошироко ширење на национално ниво.
Исто така, откриваат дека сите заболени се невакцинирани, а две се бебиња кои сè уште не можат да примат вакцина поради нивната возраст.
Малите сипаници, познати и како морбили, се многу заразно заболување предизвикано од вирус. Морбилите може да предизвикаат сериозни симптоми, компликации, а во некои случаи и смрт.
Според Светската здравствена организација, пред да се направи вакцината, на секои две до три години се случувале епидемии на морбили, а годишно умирале и по 2,6 милиони луѓе.
Што треба да знаете за ова заболување, според Светската здравствена организација?
Кои се симптомите на морбили?
Морбилите се предизвикани од вирус, а симптомите обично се појавуваат од 7 до 14 дена по изложување на вирусот.
Најпрепознатливиот симптом е исип (или осип) на кожата.
Раните симптоми, кои траат од 4 до 7 дена, најчесто се:
- Треска
- Течење на носот
- Кашлање
- Црвени и насолзени очи
- Мали бели точки од внатрешната страна на образите
Исипот се појавува од 3 до 5 дена по првите симптоми, најпрво на лицето и вратот, а во наредните три дена може да почне да се шири и на другите делови од телото.
Овој симптом најчесто трае од 4 до 8 дена.
Морбилите може да предизвикаат и компликации како:
- Слепило
- Воспаление на мозочното ткиво (енцефалитис)
- Дијареја и дехидратација
- Инфекции на ушите
- Сериозни проблеми со дишењето, како и пневмонија
Ако бремена жена се зарази со морбили, може да се соочи со спонтан абортус или предвремено породување.
Компликациите се најчести кај деца помали од 5 години и кај возрасни постари од 30 години.
