ОЧЕКУВАМ НАПРЕДОКОТ ДА БИДЕ ВАЛОРИЗИРАН: Почеток на преговори со ЕУ по испорачаната реформска агенда, порача Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека очекува брзо вреднување на напредокот на земјата во реформските процеси. Оваа изјава тој ја даде за време на учеството на Самитот на Берлинскиот процес што се одржува во Свети Стефан во Црна Гора.
Македонската делегација ја предводи премиерот на настанот на кој главни теми се економското поврзување на регионот, регионалната безбедност и забрзувањето на интеграцијата кон Европската Унија.
„Очекувам сѐ она што го имаме постигнато во процесот на испорака во Реформската агенда, во многу скоро време да биде валоризирано и да се даде шанса конечно да можеме да го почнеме процесот на преговори. Се испратија силни пораки, од канцеларот Мерц и од канцеларот Штокер којшто ќе биде ко-претседавач на следниот самит. Беше потврдена заложбата и приоритетите дека Западен Балкан треба да биде дел од Европа и треба тоа да се случи многу бргу. Она што за нас како држава е важно е фактот дека ние веќе имаме усогласена надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, дека сме многу напред во испорака кога станува збор за Реформската агента, дека буквално сѐ што се бара од нас, а е поврзано со принципот по испорака да се оценува напредокот, ние тоа го правиме и го испорачуваме“, истакна Мицкоски.
Премиерот подвлече дека државата прави значајни исчекори во спроведувањето на сите реформски точки, но јасно го дефинираше и форматот на посакуваната соработка со европските партнери.
„Исто така истакнав дека постепеното или градуално интегрирање претставува шанса и можност за сите нас, но тоа никако не смее да биде замена за полноправно членство во рамките на Европската Унија“, подвлече премиерот.
Тој информираше дека остварил повеќе билатерални средби на кои ги запознал соговорниците со актуелната состојба во државата, но предупреди и на пошироките геополитички предизвици.
„Но исто така она што морам да кажам а не можам да го исклучам од генералниот тек на работниот дел на самитот, е предизвикот што се случува насекаде во светот, посебно историската енергетска криза која што во многу нешта влијае денес да ни се случуваат немири во неколку главни градови во Европа па и кај нас во регионот, но исто така и војната во Украина. Живееме во атмосфера на тивка трета светска војна која што ќе има големи предизвици врз човештвото. И она кое што беше кажано од страна на неколку од соговорниците кои имаат би рекол, условно кажано, можеби повеќе информации од тоа што јас имам, а тоа се високи претставници на самите Европска Унија, е дека следните две години ќе бидат исклучително исклучително предизвикувачки и тешки и треба да се води многу внимателно грижа за она што подразбира трошење, но и она што подразбира државна одговорност“, нагласи Мицкоски.
Претходно Мицкоски учествуваше на работен ручек посветен на иднината на Берлинскиот процес и улогата на младите во обликувањето на регионот.
„Денеска присуствував на работниот ручек, посветен на иднината на Берлинскиот процес и улогата на младите во обликувањето на иднината на Западен Балкан. Регионалната соработка, размената на идеи и создавањето нови можности се важни чекори кон стабилен, просперитетен регион и забрзана европска интеграција“, објави тој на социјалните мрежи.
Самитот претставува завршен настан на претседавањето на Црна Гора, каде што покрај балканските лидери присуствува и германскиот канцелар Фридрих Мерц. Мерц ја потврди поддршката за членство на земјите од регионот во Унијата, посочувајќи дека владите мора да покажат политичка волја и реформски резултати. Берлинскиот процес започна во 2014 година по иницијатива на Германија со цел да се продлабочи регионалната соработка и да се забрза европскиот пат на регионот.
