Календарот за редовна имунизација се проширува со нова деветвалентна ХПВ вакцина, која ќе биде достапна на вакциналните пунтови за еден месец, а ќе се користи наместо досегашната четиривалентна – информира Министерот за здравство Илир Демири. Според него новата вакцина ќе понуди поквалитетна превенција од хуман папилома вирусот, претканцерогените лезии и карциномот на грлото на матката. Новина е и тоа што оваа вакцина за првпат ќе биде достапна и за момчињата, а очекувањата се и да се зголеми стапката на вакцинација.

-Во нашата земја за следните 3 години обезбедени се 70 илјади дози од ХПВ вакцината од истиот производител кој што досега ја обезбедуваше 4 валентната вакцина. Со вакцинирање на возраст која што е препорачана во нашиот календар од 12 до 15 години се постигнува најдобар имунолошки одговор на организмот,- – Д-р. Александра Грозданова – национална координаторка за имунизација.

-Има проблеми со самата имунизација, процентот на имунизирани девојчиња со ХПВ вакцината е 50%, а рековме дека целта е тој процент да се подигне на 90%,- Ане Јохансон – претставник на СЗО во Македонија .

Како главен проблем за ниската стапка за имунизација и зголемениот број на родители кои одбиваат да ги вакцинираат своите деца, министерот Демири го посочува Законот за здравствена заштита кој според него не содржи конкретна санција во овој случај, па по изборите тој најавува негови измени.

– После изборите ќе се изготви некаква законска рамка која ќе може да ги санционира родителите кои ги обесправуваат нивните деца и им го земаат правото да бидат заштитени од некое заболување. Единствен начин е да се влијае вака, со информации и со подготовка на флаери, на материјали кои објаснуваат дека вакцините не се штетни.

ХПВ-вакцината може да се прими до 18 години. Момчињата и девојчињата на возраст од 12 до 15 години примаат две дози, додека оние кои се постари од 15 години, примаат три дози.

Според анализите на СЗО, ракот на грлото на матката е петта водечка причина за смрт кај возрасната група од 18 до 49 години во Македонија.